Во пресрет на новогодишните празници ЈУМЦСР Куманово реализира повеќе активности наменети за децата без родители и родителска грижа од кои дел се сместени во згрижувачки семејства.
На ден 21.12.2017 година од страна на донатор Манојловски ДОО на децата без родители и родителска грижа сместени во згрижувачки семејства во Куманово на возраст до 8 години им е донирана зимска облека.
Во рамките на ЈУМЦСР Куманово има 6 згрижувачки семејства во кои се згрижени вкупно 12 малолетни деца на возраст од 8 до 16 годишна возраст и едно возрасно лице со интелектуална попреченост.
Упатуваме јавен повик до сите заинтересирани лица кои сакаат да бидат згрижувачи да се јават во нашата установа.
Поконкретни информации за формата згрижувачко семејство можете да најдете во следниот прилог.
Право на сместување во згрижувачко семејство, според овој закон, има лице кое нема услови за живеење во своето семејство или од други причини му е потребно сместување во згрижувачко семејство. Правото на сместување во згрижувачко семејство од ставот 1 на овој член се обезбедува на: – дете без родители и дете без родителска грижа до оспособувањето за самостоен живот и работа, а најдоцна до завршување на средно образование односно шест месеци по завршување на средното образование, ако не постојат можности згрижувањето и воспитанието да се обезбеди на друг начин, – дете со воспитно-социјални проблеми (злоставувано, занемарено и социјално необезбедено дете) и дете жртва на семејно насилство, – малолетен сторител на кривично дело или прекршок, – лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој, лице со длабоки пречки во менталниот развој и лице со трајна телесна попреченост на кое му е потребно трајно згрижување и нега и – старо лице, возрасно лице со телесна попреченост и лице со пречки во менталниот развој кое не е во состојба само да се грижи, а поради станбената и семејната положба нема можност да му се обезбеди заштита на друг начин.
Згрижувач може да биде лице кое ги исполнува следниве критериуми: – да е полнолетно, – да е деловно способно, – да има општа здравствена состојба, – да не е постаро од 65 години, – да постои разлика во возраста меѓу згрижувачот и сместеното лице од најмалку 18 години, – да не му е одземено или ограничено родителското право, – да не му е изречена осуда за кривично дело со казна затвор повеќе од шест месеци, – да има материјални и станбени услови за вршење на оваа функција и – да има завршено обука за згрижувач, спроведена од центарот врз основа на Програма за обука на згрижувачки семејства изготвена од Заводот за социјални дејности. Критериумите од ставот 1 алинеи 3, 6 и 7 на овој член важат и за полнолетните членови на семејството на згрижувачот, кои живеат во заедничко домаќинство. По исклучок од ставот 1 алинеја 4 на овој член, доколку детето кое е згрижено во згриживачкото семејство е постаро од 16 години, а згрижувачот наполнил 65 години старост, сместувањето во згрижувачкото семејство може да продолжи до полнолетството на детето, односно до завршување на средното образование, врз основа на наод и мислење на стручен тим во центарот за социјална работа (во натамошниот текст: центар). Исполнетоста на критериумите од ставовите 1 и 2 на овој член ги утврдува центарот, согласно со Програмата за процена на згрижувачко семејство изготвена од Заводот за социјални дејности.
Згрижувачко семејство обезбедува сместување и згрижување на лицата од членот 32 став 2 од овој закон, во вид на општо, специјализирано, интервентно и привремено згрижување. Општо згрижувачко семејство обезбедува грижа за личноста, воспитанието, образованието, здравствената состојба и секојдневните потреби за сместеното лице, во зависност од неговата возраст и потреби. Специјализирано згрижувачко семејство ги обезбедува работите од ставот 2 на овој член за дете жртва на семејно насилство, дете со воспитно-социјални проблеми, малолетен сторител на кривично дело или прекршок, дете или лице со попреченост и старо лице, доколку згрижувачот успешно заврши специјализирана обука спроведена од Заводот за социјални дејности. Интервентно згрижувачко семејство ги обезбедува работите од ставот 2 на овој член во случај кога е потребно итно згрижување на лице или дете кое е грубо занемарено или злоупотребено или, пак, кога родителот/старателот е спречен да се грижи за детето поради болест или смрт. Згрижувањето трае најмногу до 30 дена во кој период центарот презема мерки за натамошната форма на заштита, согласно со најдобриот интерес на детето, односно лицето. Привремено згрижувачко семејство обезбедува згрижување на дете или лице згрижено во општо или специјализирано згрижувачко семејство, како и за дете или лице со ментална или телесна попреченост кое живее со родител/старател заради одмор, терапија, лекување и завршување на домашни, семејни и професионални обврски на згрижувачот, односно родителот/старателот. По престанокот на потребата од привремено згрижување, згрижувачкото семејство, односно родителот/старателот, ја продолжува грижата за детето или лицето. Центарот врши избор на згрижувачкото семејство и го определува видот на сместувањето, согласно со индивидуалните потреби на корисникот и неговата возраст.
Згрижувачкото семејство од членот 33 од овој закон има право на надоместок на трошоците за сместување на лицето и надоместок за згрижување. Сместување лице во згрижувачко семејство се врши врз основа на склучен договор меѓу центарот и подносителот на барањето (во натамошниот текст: згрижувач). Со договорот од ставот 2 на овој член се уредуваат особено: – начинот и условите за сместување и престанок на сместувањето на лице во семејството, – видот и обемот на социјалната заштита која му се обезбедува на лицето кое се сместува во згрижувачкото семејство, – висината на надоместокот за сместеното лице, која ги опфаќа трошоците на сместување и надоместокот за згрижување, – времетраењето на договорот со можност за негово продолжување, – условите за раскинување на договорот, – отказниот рок за раскинување на договорот кој за згрижувачот не може да биде пократок од три месеци, – случаите при кои престанува да важи договорот и – други права, обврски и одговорности. Центарот може еднострано да го раскине договорот и пред истекот на рокот утврден во договорот, секогаш кога тоа го бараат интересите на лицето кое се сместува во згрижувачкото семејство.
Центарот ги следи и координира активностите поврзани со сместувањето и згрижувањето на лицето во згрижувачкото семејство. Згрижувачкото семејство е должно да постапува по дадените насоки од центарот за згрижување на сместеното лице и навреме да го известува центарот за сите промени и потреби на згриженото лице.
Центарот може да смести во едно згрижувачко семејство најмногу пет лица, имајќи ги предвид условите и можностите за сместување на семејството. Функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на социјалната заштита (во натамошниот текст: министерот) поблиску ги определува критериумите за избор на згрижувачко семејство, видот и бројот на корисниците кои можат да се сместат во едно згрижувачко семејство, видот на згрижувањето и обемот на услугата што се обезбедува на згриженото лице. Критериумите од ставот 2 на овој член кои ги пропишува министерот се јавен документ и се објавени на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика.
Згрижувачкото семејство добива месечен надоместок за трошоците за сместеното лице и надоместок за згрижување. Надоместокот за трошоците за сместеното лице изнесува 6.250 денари, а надоместокот за згрижување изнесува 1875 денари. Надоместокот за трошоците за сместување од ставот 2 на овој член за дете без родители и родителска грижа и дете со воспитно-социјални проблеми на училишна возраст се зголемува за 625 денари, а надоместокот за згрижување од ставот 2 на овој член се зголемува за 625 денари. Надоместокот за трошоците за сместување од ставот 2 на овој член за дете со нарушено општествено поведение, лице со умерени и тешки пречки во менталниот развој и лице упатено на оспособување за работно-производна активност, лице со најтешки пречки во менталниот развој, лице со трајна телесна попреченост, старо лице, возрасно лице со телесна попреченост, како и возрасно лице со пречки во менталниот развој, се зголемува за 1.000 денари, а надоместокот за згрижување од ставот 2 на овој член се зголемува за 1.250 денари. Висината на надоместокот на трошоците за сместено лице и надоместокот за згрижување од ставовите 2, 3 и 4 на овој член се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Член 37 Износот на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и здравствена заштита за згрижувачите кои вршат згрижување на лице во своето семејство како професионална дејност, се на товар на Буџетот на Република Македонија и се пресметуваат на износите дефинирани во членот 36 на овој закон.
Надоместокот на трошоците за сместено лице и надоместокот за згрижување за привремено згрижување се пресметуваат согласно со членот 36 ставови 2, 3 и 4 од овој закон, а се наплатуваат од корисникот, родителот, односно старателот на сместеното лице во зависност од бројот на деновите на згрижувањето.
Во случај кога сместено лице во згрижувачко семејство користи згрижување во привремено згрижувачко семејство, надоместокот на трошоците за сместено лице и надоместокот за згрижување за период на сместувањето во привременото згрижувачко семејство се исплаќа на тоа семејство. Згрижувачкото семејство од ставот 1 на овој член добива месечен паушал од 2.000 денари, а надоместокот за трошоците за сместното лице и надоместокот за згрижување, се пресметува во зависност од времетраењето на сместувањето.
Извадок од Закон за социјална заштита